Со проширувањето на ЕУ од 2007-та, илјадници Роми пристигнаа во Германија. Што ќе се случи со малцинството кое никаде не е добредојдено?
Во моментов во Европа живеат околу единаесет милиони Роми, а секој четврт европеец не сака да има ништо со нив. Нивната репутација е исклучитечно лоша, но во исто време скоро ниеден друг народ не ја побудува фантазијата на граѓаните така како што тоа го прават „лудите цигани“. Од 2007 година па наваму илјадници источноевропски Роми ги напуштаат балканските гета и одат во Германија. Што ќе се случи со нив?
Жената во белата блуза е само фуснота. Алиша ја споменува во една полуреченица и го снижува гласот. „Дали ја гледате онаа жена таму? Сакав да купам малку облека за ќерка ми. Таа не сака да ми продаде ништо. Ме навредува и ме брка.“ На Дортмунд Нордмаркт сонцето зрачи врз тезгите и врз шамиите, врз вревата и децата кои трчаат наоколу. Алиша стои на игралиштето со нејзината снаа и децата. Тие се Роми и како такви и изгледаат, со разнобојни здолништа, шамии и златни заби. Ако сакаат да одат на шопинг тогаш имаат проблем.
Жената во белата блуза не е почетокот на оваа приказна. Оваа жена исто така има приказна која може да биде објаснета со неколку зборови, онака како што Алиша тоа го пренесува: „Ромите крадат од неа“. Ова е точка до која брзо се доаѓа. Поради ова и поради тоа што жената сака да си ја заштити тезгата на пазарот како и поради тоа што не е јасно кој треба да се обвини за оваа ситуација ќерката на Алиша мора да оди на друго место. Алиша не го поставува прашањето дали жената би одбила да услужи Германци ако крадците беа Германци. Особено не во Дортмунд каде дискусиите за Ромите се поексплозивни отколку на било кое друго место во Германија.
Основите на ова беа поставени во јануари 2007-та кога ЕУ се прошири и Романија и Бугарија станаа нови членки, давајќи им на нивните граѓани право на слободно движење во рамките на ЕУ. Во 2006-та околу 500 Романци и Бугари биле регистрирани во Дортмунд, во 2007-та година оваа бројка тројно се зголеми на 1600. Во 2013 година официјалната бројка беше 3200, но вистинската бројка сигурно е многу повисока. Прашањето „зошто баш Дортмунд?“ е мистерија за експертите. „Имигрантите се групираат во мал број на градови за краток временски период“, вели Михаел Шефер од Националната асоцијација на германски Синти и Роми за сојузната држава Северна Рајна – Вестфалија. „Одредени општини како Дортмунд и Дуизбург веќе се обземени со нивните тешки економски ситуации“.
Дортмунд е економски слаб, има висока стапка на невработеност и силна десничарска сцена. Ова, заедно со ранливите, осиромашени и често неписмени Роми дојдени од Балканот прават една мизерна комбинација. Репутацијата која нивниот етнитет ја има воопшто не ги подобрува работите. Никој не очекува нивната татковина да ги поддржи: луѓето таму се среќни што тие заминале.
Дури и Ромките Алиша и Роза дошле тука со нивните фамилии, но не од Балканот. Тие дошле од кризната Шпанија. „Ни рекоа дека овде ќе биде добро“ се сеќава Алиша. „Безбедна држава, добра работа“. Патувањето заврши во една од распаднатите ромски куќи во „проблематичната област“ на северот на градот. Алиша ја напушта куќата само кога оди да пазари. Може ли да направиме едно интервју? „Ние сме сиромашни луѓе, а јас имам четири деца,“ вели Роза. „Колку ќе ми платиш за тоа?“ Тогаш се насмеа: „Не, тоа е само шега, се разбира дека може.“ Набрзо двете почнаа да уживаат во разговорот, бидејќи ниедна од нив не знае да зборува германски, инаку не разговараат со никого.
За разлика од многу други имигранти Алиша и Роза се вистински Роми. Дури и тогаш, кружеше мислење меѓу Ромите дека многумина од новодојдените воопшто не се Роми. Френк Меркел од агенцијата Каритас Интегрејшн проценува дека 50 проценти се Роми. Останатите се обични Романци и Бугари. Правно гледано, нема разлика. Но, од социјална гледна точка има огромна разлика , вели Френк Меркел. „ Во тој момент кога тие се перцепираат како Роми, иако не се, се јавуваат масивни предрасуди кои што се целосно социјално прифатени. Во нинвите држави на потекло овие предрасуди се често многу посериозни.“
Дури и денес, во условно кажано политички коректна и просветлена Европа, непријателството кон циганите се разликува од она кое кое што е упатено кон останатите расни групи и често не се сфаќа сериозно. Овие клишеа ретко се базираат на лични искуства. Во поголемиот број европски земји тие се малцинство кое исчезнува, а со кое мнозинството од луѓето не сака ништо да има. Дали тие навистина се покриминални, понеморални и потешко се интегрираат отколку другите народи?
На врвот на сè, Ромите се потешко се дефинираат. Тие се различни од поголемиот дел на другите етнитети бидејќи терминот „Роми“ обединува безбројни различни подгрупи кои се раководат по тотално различни традиции во различни држави. Воедно, како последица на стравот од предрасуди тие повеќе не се идентификуваат така. Некои цигани, како германските Синти живеат во истиот регион повеќе од 600 години. Тие се германски граѓани со генерации и не се разликуваат значително од останатите Германци. Другите, како на пример источноевропските Роми, биле робови до 1800-те години и денес воглавно живеат во гета на Балканот. Единственото нешто што им е заедничко е нивната историја. Можеби историјата не е доволно егзотична или пак можеби има премногу вина содржана во неа за таа да може да биде објаснета. Приказната е за фармери од Индија.
На североистокот од денешна Индија се наоѓаат корените на Ромите, кои во минатото исто како и многу други народи биле селани, сè до 1000-та година од н.е. кога биле поробени. Тие биле затворани од едно место на друго преку цела Азија и затоа било кое право на сопственост на нивната татковина одамна престанало да важи. На крај, некои успеале да избегаат и се бореле преку Балаканот да стигнат до Западна Европа. Ова е почетокот на недоразбирањата бидејќи никој не знае за нивната историја и причините за нивното иселување. Тие се сметаат за скитници, браќа на ѓаволот, турски шпиони и што уште не. Не требало многу за да започнатпрвите осуди кон Ромите.
Во вековите кои доаѓале, скоро насекаде се носеле строги анти-Ромски закони. Најстрогите закони биле оние кои им забранувале на Ромите да се населат во градовите или пак да се занимаваат со трговија или занаетчиство. Оваа ситуација е коренот на предрасудите кон Ромите за нивните професии како забавувачи, музичари и претскажувачи на иднината. Ова прогонување предизвикувало сиромаштија, сирмаштијата предизвикувала криминал, а криминалот ги разлутувал граѓаните и водел кон дополнително отфрлање. Тоа е еден злокобен круг кој што кулминира со егзекуцијата на помеѓу 500 000 – 1 000 000 Роми за време на ерата на нацистите. Сепак, ова е само една фуснота во сите книги за холокаустот.
Периодот од околу 1000 години за време на кои Ромите се на дното од општеството си оставило своја трага. Ситуацијата е особено заплеткана на Балканот, каде малцинството е западнато во тешка сиромаштија особено после падот на комунизмот и каде национализмот вирее во етнички мешаните области. Ниедна држава не сака да биде перцепирана како циганска. „Во моментов дефинитивно најтешко им е на Ромите во Унгарија“, вели Френк Меркел од Каритас. „Исто така воопштоне им е лесно ниту во Бугарија и Романија.“ Затоа толку многу бегаат во Западна Европа, на пример во Дортмунд. Заврши пазарот на Нордмаркт, Роза и Алиша се седнати во сенката на игралиштето, сонцето зрачи жештина на патеката. Додека Роза ги забавува децата, Алиша ја раскажува својата приказна.
Детството на Алиша било кратко: се омажила нелегално на 13 годишна возраст како и повеќето ромски девојчиња. Кога бракот станал легален, емигрирала во Малага во Шпанија заедно со нејзиниот сопруг, а тоа било пред 13 години. Нејзината снаа и нејзиниот сопруг веќе биле таму. Шпанија била почетната точка на нивното патување и им станала како втор дом, за кој тие мислеле дека им е прв. „Ми недостига Шпанија“, вели Алиша. „Луѓето имаат добро срце и се отворени, тие многу помалку не осудуваа. Тоа беа добрите времиња.“ Имала добра работа работејќи како негувателка и како толкувач („најмногу во полициската станица,“ рече Алиша со половична насмевка на лицето). Алиша обожава јазици.
Не може да сфати зошто германскиот и е толку тежок. Децата се обидуваат да и го објаснат, но едноставно јазикот не и влегува во главата. Романските јазици се полесни за неа, очигледно шпанскиот, но и португалскиот и италјанскиот исто така. Сакала да го види светот, па додека Роза останала во Малага, Алиша била во Јужна Америка, во Бразил, Аргентина и Боливија. Продавала слатки на возовите, а нејзиниот сопруг продавал кокос покрај патот и тоа било убаво и среќно време. Во Романија се вратила само еднаш за да аплицира за романски пасош за нејзините деца кои биле родени во Јужна Америка. Роза никогаш не се вратила таму. со Со проширувањето на ЕУ2007-та нивното потекло повторно станало важно.
Што донесе проширувањето? Дали отвори нови можности за источноевропските Роми? Или пак само повторно го потврди анти-ромскиот став на балканските држави? „Земјите беа примени прерано,“ уверува Михаел Шефер од Националната асоцијација на германски Синти и Роми. „ЕУ ја пропушти можноста да притисне за подобра интеграција на малцинствата.“ Сега мора да се соочи со последиците.
Исто така постои разногласие во поглед на договорањето за тоа кои постапки треба да се превземат: дали широка владина поддршка за Балканот е решението, или пак интеграцијата воземјите-цел на емигрантите е поважна? Дури и во новата држава, Ромите не можат да ја избегнат сиромашатијата од која избегале во нивната татковина. „Тие бегаат од тешките околности само за повторно да се најдат во нив“, вели Френк Меркел од Каритас. Моментално само околу 13 проценти од имигрантите во Германија се смета дека се вработени.
Немаат редовно вработување – бидејќи тоа им е забрането. Во согласност со директивите за слободно движење на ЕУ, на популацијата која патува до 2014 година,дозволено и е само хонорарно да работи, ограничивачки услов кога сте во туѓа земја. Многумина кои имаат потреба да сврзат крај со крај работат нелегално или пак го прават она што многумина го очекуваат од нив. „Луѓето секогаш велат: вие циганите, сите сте крадци,“ вели Алиша. „Секако дека има некои кои крадат. Немаат друг избор. И јас би го правела тоа за да ги нахранам моите деца. Тие ми се поважни отколку Германија.“ Ваквите забелешки се баш оние што дофрлаат масло на огнот.
Алиша има среќа бидејќи нејзиниот сопруг нашол работа во градежништвото. Таа била во центарот за вработување пред некое време, има посетувано обука за тренер на негувателки па решила да се обиде да направи нешто во врска со тоа. Барањето за дозвола и било одбиено. Дури од 2014 година на Ромите-патници ќе им биде дозволено да стапат во редовен работен однос. Нејзината снаа е скептична : „Истото ни го рекоа и пред три години. Ни тогаш не ја добивме дозволата.“
Во меѓувреме, сите засегнати се борат со ситуацијата која за сите е наприфатлива. Според весникот FAZ(ФАЦ), само помошта за интеграција го чини градот Дортмунд околу 1.1 милион евра на секои 100 случаи. „Властите немаат никој кој би им помогнал со овие трошоци,“ се жали Френк Меркел. Било која помош најчесто доаѓа од локални проекти како што е новиот ИРОН проект кој што е финансиран од Дортмунд Планерладен, општинска организација за урбано планирање. Гамзе Чалискан добро знае како е да се биде странец. Нејзините предци од Турција се преселиле во Рурската област во седумдесеттите, признава дека не биле од гетотото и дека не биле неписмени, но Чалискан вели дека го познава тоа чувство. Особено несигурноста и дискриминацијата. Затоа таа на оние во слични тешки ситуации сегаим помага како лидер на проектот „Интеграција на Ромите на северот на Дортмунд“, познат како ИРОН поради акронимот кој се јавува во германскиот назив, основан во октомври 2012.
Оваа општинска организација се наоѓа во средината на северниот дел на Дортмунд помеѓу ќебапчилници и интернет кафулиња и недалеку од локалните озлогласени резиденцијални области. И покрај ова, стапувањето во контакт со Ромите не е лесна задача. „Многумина од нив имаат лоши искуства со властите“, ни објаснува Чалискан. „Романците особено се многу уплашени. Првото прашање кое многумина од нив го поставуваат е дали сме од канцеларијата за благосостојба на младите“ За да ја придобиеме нивната доверба, колегите од ИРОН одат во интернет кафулињата кои се наоѓаат околку Нордмаркт, разговараат со луѓето таму, или пак на пример ги канат на филмска вечер. Правејќи го тоа, според проценките на Чалискан, тие оствариле контакт со околу 150-200 Роми.
Листата на предизвици е голема: според социјалните работници „имигрантите имаат празнини во сите области.“ „ Образование, знаење, јазик, финансиски проблеми.“ Членовите на ИРОН им помагаат со посетите на владините канцеларии, со учењето на германскиот јазик или пак со посетите на доктор. Повеќето од нив немаат здраствено осигурување и затоа ги избегнуваат докторските ординации. Воедно тука се и нивните куќи, често тешко погодни за живеење, влажни, без топла вода, со мали соби, а проширени фамилии кои живеат една врз друга. „За многумина тоа е крајниот избор.“
Алиша и Роза прво завршиле во еден таков дом: „Кога пристигнавме, немаше топла вода, се беше валкано,“ објаснува Алиша. „Претходните станари само што го исфрлиле ѓубрето низ прозорецот па така целиот двор беше полн со ѓубре“ Двете побарале правен совет. Набрзо им станало јасно дека сосптвеникот бил западнат во долгови. Оттогаш властите се грижат за зградата, има топла вода и повеќе нема ѓубре. Роза и Алиша се гордеат со нивното постигнување.
Но, и покрај ова тие не сакаат да останат таму засекогаш. Не толку поради сиромаштијата до толку повеќе бидејќи не се чусвствуваат пријатно таму. Нивната најстара ќерка, која има единаесет години е малтретирана на училиште. „Циганка, валкана циганка“ се зборовите кои Алиша ги знае на германски. Дома, ќерка ѝ ја убедува мајка си повеќе да не носи ромски алишта бидејќи се срами од нив. Алиша ја одбила бидејќи облеката е дел од нејзината култура. Се плаши дека нејзините деца забораваат нешто што неа и е многу важно. На училиште нејзината ќерка многу често седи сама, не си игра, не зборува. Алиша се чувствува беспомошно: „Што да правам?“ Училиштето препорачува посета на психолог.
Според статистиката на Федералната служба за статистика, 175 000 имигранти од Романија и Бугарија дошле во Германија во 2012. Но во оваа статистика има уште една бројка: 104 000 се вратиле во земјите од каде што дошле истата година, бројка која ретко се спомнува во дискусиите. Подобро се продаваат информациите за големиот бран на имигранти. Но Роза и Алиша не се единствени во нивната желба да си заминат. „Многумина се враќаат назад“, вели Гамзе Чалискан. „Стапката на враќање е многу висока,“ потврдува Михаел Шефер. Најчесто доаѓаат, гледаат и продолжуваат. Бидејќи за разлика од многу други мигранти, за Ромите ова е проблем којшто го искусуваат илјадници години: „Каде и да одат, тие се малцинство“, вели Чалискан.
Роза и Алиша исто така сакаат да се вратат на Балканот. Назад во Романија, „во нашата држава“, вели Роза. Не знаат што ги чека таму. Но можат барем да се обидат.
[crp]
Најнови коментари