Кулинарски врски

Еве не тука, сите седнати околу мала маса, со виљушките подготвени за користење, а ние полни со желба да испробаме нови вкусови.

Тоа што учествував на програма за образовна размена во Романија ме подложи на многу нови искуства и на темелен увид во заедничкиот јазик кој сите ние на овој свет го зборуваме – љубовта и храната. Откако ги запознав моите пријатели решив да ја изразам мојата благодарност и љубов кон нив на најдобриот и единствениот можен начин – преку готвење и создавање нешта со моите раце, нешта кои се јадат, вкусни нешта, нешта кои ќе не направат сите ние да се чуствуваме како дома, да го почуствуваме и да го искусиме истото нешто, да се доведеме поблиску еден до друг бидејќи повеќе не сме само колеги.

Мојата прва меѓународна вечера беше една прекрасна и слатка прилика. Зготвив едно египетско јадење за моите најдраги пријатели додека престојувавме во еден мал, но сладок стан во Сибиу. Од каде сите тие доаѓаа? На масата имавме луѓе од Романија, Естонија, Украина, Камерун, Виетнам и Грција. Во кујната можеа да се забележат сите тие земји и раце кои работат заедно за да направат нешто што сите ние несомнено и темелно го разбираме.

Мирисот на сотираниот кромид и лук додека крчкаат во маслиновото масло се намалуваше како што го додававме јагнешкото; Ха, мојот пријател од Виетнам, и јас го бевме пресечиле месото. Кога тоа ја доби неговата златно-кафеава боја додадовме малку морков, целер и доволно вода за да се покријат. Моравме да чекаме повеќе од еден час за месото да стане меко па затоа уживавме пиејќи палинка, романско овошно бренди, кое имаше силен вкус на слива. Во меѓувреме си ги опишувавме мирисите и вкусовите од нашите татковини. Исто така послуживме фета и смантана сирење, а врз фета сирењето додадов малку грчка боја користејќи оригано и маслиново масло.

Во меѓувреме, месото стана доволно меко за да може да се додадат зачините: коријандер, кумин, зелен и црн пипер, сол и две кафени лажички оцетна киселина. Соковите веќе беа испариле; искористивме малку путер за да ги истакнеме сите бои на храната за да сјаат. Додека Керту, со нејзиниот естонски ентузијазам го мирисаше малото парче месо кое и го дадов, јас го подготвував оризот. Го сварив па го испржив за на крајот да му додадам путер и оцетна киселина. На крај, малку пипер и пиперки за да го зачинат, додека Елина од Украина ја подготвуваше салатата користејќи марула, зелка, маслиново масло и лимон и… му се насмевнавме на нашето достигнување!

Нашиот оброк беше сервиран на една мала масичка и веќе бевме подготвени да ги искористиме нашите виљушки. Додека јадевме прелетуваа приказни за нашите јадења од детството, прашања за кулинарските навики и тајни, грижи да тој момент не помине наеднаш; се гушкавме, храната беше таа што направи да се чуствуваме како фамилија, како едно суштество. Испивме по уште еден пијалок, водка со сок од јаболко, за повеќе да уживаме во тој момент на споделување. Разговаравме за зеленчуците кои сме ги засадувале како деца, за јадењата кои ги преферираме, за зачинетите мириси и магичните напитоци, глазурираните садови и обоените чаршави. Тоа беше моќен момент, едноставноста измешана со грижата и дарежливоста. После тој миг, сите се поврзавме и дојдовме до заеднички заклучок.

Заклучок дека храната е таа што ги обединува луѓето: споделувате приватно телесно искуство, чувство и вкус. Станува збор за нешто моќно, за задоволството од физичката потреба која е неопходна за преживување, а која сепак предизвукува уживање. Храната не поврза нас, луѓе од Европа, Африка и Азија заедно како да сме биле дел од некоја света мистерија. Овие врски ни ја покажаа силата на заедничката референтна точка за рушење на оние нешта кои луѓето понекогаш ги сметаат за пречки, како што се културните разновидности. Во тој момент, јадењето беше единственото нешто што ни даваше топлина и блаженство!

Неколку месеци подоцна се вратив во Романија како волонтер. Познатите лица кои ги сретнав, новите луѓе, моите интернационални цимери, локалните пријатели, сите тие се интересираа за кулинарски приказни. Бурсу и Данте од Турција ми опишуваа јадења од сестринската земја на Грција и затоа се чувствував како дома со сите тие познати вкусови како лебдат околу мене. Кристина од Романија ни подготви слатки и додека се облажувавме таа се смееше бидејќи знаеше дека нејзиниот труд ќе остане забележан од нас уште многу години. Јонас од Литванија и Себастијан од Романија сакаа да го научат рецептот за алвата која ја направив и ми понудија литвански и романски слатки за возврат. Алекс, најмеѓународниот Романец кој го имам сретнато, кој има патувано толку многу што повеќе зборува на англиски отколку на романски, секогаш беше заинтересиран да ги открие моите тајни вклучително и моите рецепти – двапати му зготвив и тој толку беше насмеан што мислев дека сум направила некаква магија!

Оооох, храна….Толку многу вкусови и толку многу мисли. Уште да можеа луѓето полесно да ги споделуваат овие добра, колку ќе беше полесна меѓукултурната комуникација, а колку тешко збогувањето.

Автор

Анастасија Карути (Грција)

Студира/Работи: Англиски јазик и книжевност/Преведувачки студии, Обучувач, Преведувач, Сликар

Зборува: грчки, англиски и романски

Европа е ..моето гнездо, мојата почетна точка, место каде што можам да го покажам мојот потенцијал, Акрополис и божествената светлина на Трансилванија.

Blog: caramelisedfruits.tumblr.com

Превод

Petar Jankuloski (Македонија)

Студира: Превод и толкување (EN-MK-FR)

Работи: Global Voices на македонски (волонтер), TED Talks-заедница на преведувачи

Говори: македонски, српско-хрватски, англиски, француски, малку шпански, чешки и германски

Европа е… мој став… дом… порта кон светот… лулка на разновидноста

LinkedIn: Petar Jankuloski – LinkedIn profile


Author: Anja

Share This Post On

Submit a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

css.php